Почетна

Соопштение до јавноста

 

Почитувани,

Ве информираме дека Владата на Република Македонија го утврди текстот на предлог-законот за поштенски услуги со кој се предвидени одредби со основна цел хармонизирање на законодавството за поштенските услуги во Република Македонија со соодветното законодавство на Европската Унија, како и создавање на услови за поквалитетно обезбедување на поштенските услуги имајќи ги во предвид интересите на корисниците.

 
Со овој предлог-закон е предвидено воведување нов начин и постапка за определување на давател на универзалната услуга и тоа по пат на јавен тендер, а предвидена е и можност за повеќе даватели на различни услуги односно на различни делови од територија на Република Македонија да обезбедуваат универзална услуга. Универзалната услуга опфаќа прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки со тежина до 2 кг, пакети со тежина до 10 кг, препорачани поштенски пратки, пратки со означена вредност, како и пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид.

Исто така, предвидено е воведување на општо овластување за давателите на поштенски услуги, а во насока на поширок пристап до оваа дејност, со овој предлог-закон се овозможува и физичките лица да бидат даватели на поштенски услуги. Имено, во предлог-законот е опишана постапката за започнување со обезбедување на поштенски услуги, според што заинтересираниот субјект поднесува нотификација до Агенцијата за пошти по која Агенцијата издава општо овластување со кое се дава право за обезбедување на поштенски услуги. Предлог-законот, исто така ги утврдува и содржината на индивидуалната дозвола за определување на давател на универзална услуга, општото овластување за обезбедување на поштенски услуги, времетраењето, измени, укинување и престанок на важност на индивидуалната дозвола и општото овластување.

Предлог-законот за поштенски услуги предвидува понатамошно хармонизирање на македонското законодавство во оваа област со законодавството на Европската Унија, посебно со Директивата 2008/6/EC на Европскиот парламент и Советот на Европа. Исто така, со новиот закон се врши допрецизирање на правната положба и надлежностите на Агенцијата за пошти и постигнување незјина финансиска стабилност. Со предлог-законот се предвидени одредби за начинот на определување на давател на универзална услуга кои создаваат услови на поттикнување компетиција, олеснување на постапките за обезбедување на поштенските услуги по пат на нотификација, допрецизирање на постапката за вршење на надзорот, управните постапки кои ги води Агенцијата со цел обезбедување законитост, ефикасност и поголем степен на правна сигурност.

Во делот на прекршочните одредби, направено е усогласување со Законот за прекршоци во поглед на воведување постапка за порамнување, како и предвидување на одредени одредби со кои се врши подобрување на имплементацијата и спроведување на законот.

Со усвојувањето на предложените решенија ќе се обезбеди понатамошен развој на конкуренцијата и либерализацијата во поштенските услуги, влез на нови даватели, воведување на нови услуги по прифатливи цени за граѓаните на РМ, повисок степен на транспарентност кон давателите на пазарот на поштенските услуги, како и повисок степен на заштита на правата на крајните корисници.

Преземено од http://mtc.gov.mk

Печати Е-пошта