Оддржано Годишното собрание на Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија ( АЕТМ)

На 03.04.2024 година се одржа Годишното собрание на АЕТМ во присуство на членовите, поддржувачите, партнерите и соработниците. Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска го отвори Собранието и им посака добредојде на присутните, а поздравно обраќање имаше и Дерик Фефер, Службеник за приватниот сектор во УСАИД Северна Македонија.

На Собранитео на АЕТМ присуствуваа директорот на Агенцијата за пошти, проф. д-р Сретен Миладиноски и Ана Ковачевска, раководителка на директоратот за заштита на правата на корисниците.

Во својот поздравен говор, претседателката на АЕТМ упати благодарност кон членките од бизнис секторот, меѓународните развојни агенции и институциите кои го препознаваат потенцијалот на АЕТМ и активно придонесуваат за развојот на е-трговијата во нашата земја.

Меѓу другото претседателката изјави: „ Е-трговијата игра значајна улога за раст на бизнисите и економиите, но потенцијалот е далеку од искористен, потребни ни се побрзи и подобри промени во сите сфери на екосистемот на е-трговија. Потребно е регулативата да овозможи околина за раст на бизнисите кои ги носат промените – сѐ уште тоа не е случај и постојат пречки кои го отежнуваат работењето и прогресот. Напорно работиме на отстранување на бариерите кои стојат на патот и ќе продолжиме да туркаме за побрзи и подобри промени, додека имплементираме значајни иницијативи во прилог на унапредување на понудата во е-трговија, зајакнување на дигиталните вештини и намалување на сивата економија во е-трговија.”

Во работниот дел на Собранието се даде осврт на сработените активности во 2023 година, беше презентиран и усвоен планот на активности за 2024 година на АЕТМ, а по завршувањето на работниот дел беше презентирана и нова веб- платформа еcommerce.mk/badge, која ќе придонесува за градење на подобра заедница за е-трговија и намалување на сивата економија во е-трговијата.